На денешната прес-конференција, раководството на Кошаркарската федерација информираше дека постои голем долг од клубовите кои се ближат до 200 илјади евра, само за клубовите од Првата лига.
Долговите се на име на котизација и казни, но од Федерацијата информираа дека имаат разбирање кон клубовите поради доцнењето на исплатата од парите од ваучерите.
„Се обидуваме да работиме во корист на кошарката и максимално сме посветени на тоа. Во таа насока е и договорот за спонзорство со МТЕЛ со цел да ги растовариме клубовите, засега од Првата машка лига, а се надевам во иднина и за женската и за младинските лиги. Огромни се долгувањата кон Федерацијата, но разбираме и дозволуваме тоа да трае и да помине неказнето бидејќи знаеме дека доцнат парите од ваучерите. Долгувањата на прволигашите во машка конкуренција достигнаа околу 11 милиони денари, а вкупните долгови се околу 250 илјади евра. Ваучерите беа ветени за крајот на минатата година, па за пролетва, а еве октомври доаѓа и се уште не се исплатени парите. Затоа одлучивме да почекаме иако од тоа зависи и нашето функционирање“, посочија претседателот Перо Антиќ и генералниот секретар Владимир Георгиевски.
Од дел од клубовите може да се слушне дека е најавено ваучерите да бидат исплатени до 15 октомври и покрај тоа претходно имаше ветување за крајот на септември кој полека поминува.


