Како што најавија на почетокот од минатата недела, кошаркарските клубови го испочитуваа меѓусебниот договор и експресно ги испратија апликациите за државни субвенции до Министерството за спорт по што веќе почна исплатата на финансиските средства.
Дел од кошаркарските субјекти во земјава во средата добија субвенции на посебните сметки за таа намена, а некои од нив беа исплатени денеска. Со тоа би требало да завршат проблемите за клубовите кои беа колатерална штета на промената на законите, како и смената на власта во земјава поради што исплатата се пролонгира за повеќе од половина година.
Претходно клубовите неколку пати се собираа на состаноци, ги изнесуваа своите проблеми со кои се соочуваат, па дури и најавуваа бојкот, односно прекин на првенствата.


