Ѓорѓи Кочов со својот тим Кемниц пред два дена триумфираше во ФИБА Европа купот и со тоа го круниса тригодишниот престој во овој клуб.
Растот на Кемниц некако се поклопи со доаѓањето на Кочов во стручниот штаб на бундеслигашот, во 2022 година екипата дебитираше на меѓународна сцена, првиот настап го имаше во Скопје, во квалификациите за Лигата на шампионите, а во Истанбул веќе дојде до првиот меѓународен пехар, успех со кој можат да се пофалат мал број германски клубови.
Успехот кој го оствари Кочов со Кемниц е добра препорака и за македонските тренери кои се обидуваат да се наметнат и на европска сцена. Прв тоа го направи Емил Рајковиќ кој се уште е без конкуренција затоа што беше прв тренер на осумкратниот европски шампион ЦСКА, а сега полека се пробива и 39-годишниот Кочов.
„Секогаш е прекрасно кога ќе се освои титула, особено во европско натпреварување како што е ФИБА Европа купот. Мислам дека уште не сме свесни каков успех остваривме и за клубот, а посебно за градот. Веројатно работите ќе ни станат појасни в недела кога ќе се вратиме во Кемниц бидејќи разбравме дека градот организира специјален пречек за нас и навистина сум возбуден како ќе изгледа сето тоа.

Сметам дека сосема заслужено ја освоивме титулата ако ја земеме предвид целата сезона, како и патот во плејофот. Прво ги совладавме Сарагоса и Билбао, а на крајот Бахчешехир, клубови со традиција, огромни буџети и одлични тренери и тоа дава дополнителна тежина на нашиот успех.
Интересна беше ситуацијата во моето семејство. Многу работи ми поминуваа низ глава, поразот ќе ни паднеше многу тешко, но некако најтешко ми беше, како ќе му објаснам на син ми Никола дека сме загубиле, односно не сме ја освоилен титулата. Знам дека ќе имаше плачење со часови бидејќи тој е редовен гостин на нашите тренинзи и натпревари и ужива додека се дружи со играчите. Од таа причина и задоволството по освоениот трофеј е двојно“, изјави Кочов за КОШ.МК.
Поради згуснатиот распоред, експедицијата на Кемниц не можеше веднаш да се враати дома, туку вчера слета во Штутгарт каде утре ќе се сретне со Лудвигсбург. Дома се „прибира“ в недела за кога е закажан и свечениот пречек од навивачите и градската управа.


