Навивачите на Работнички имаат многу причини за славје по долго очекуваната победа против МЗТ Скопје во „Јане Сандански“.
Четата на Владимир Мирковски одигра извонредно и максимално ги искористи сите пропусти и проблеми со кои се соочи противникот. Со тоа ја продолжи победничката серија во домашното првенство каде сега има биланс 7/0 и два бода предност пред својот најголем ривал.
Со денешната победа, Работнички го подобри билансот од сезоната 2018/19 која ја почна со шест триумфи по ред, пред да доживее пораз од Блокотехна во седмото коло. Последен пат ваков старт, тимот од Градски парк забележа во сезоната 2017/18 кога на клупата се наоѓаше Марин Докузовски.
Во таа кампања, Работнички немаше пораз во основниот дел, заврши со 22/0, рекорд што не го остварил МЗТ Скопје дури и во периодот на неговата најголема доминација. Интересно е тоа што од таа сезона датира и последната, 15. шампионска титула што ја освои Работнички во домашното првенство.


