Еден од најамбициозните европски кошаркарски проекти се најде во сериозни проблеми. Монако, актуелниот шампион на Франција, остана без право на настап во домашните натпреварувања за сезоната 2026/27 поради финансиски проблеми и недоволни гаранции за стабилноста на клубот.
Одлуката ја донесе финансиското тело на француската кошаркарска лига, кое процени дека клубот не обезбедил доволно докази за економска одржливост и покрај преговорите за промена на сопственичката структура. Поради тоа, „кнезовите“ нема да можат да играат ниту во најсилната француска лига, ниту во второто ниво на натпреварување.
Ситуацијата е уште поспецифична ако се земе предвид дека Монако минатата сезона ја освои шампионската титула во Франција, откако во финалето го совлада Париз, а притоа стигна и до трофеи во останатите домашни натпреварувања.
Клубот од кнежевството веќе подолго време се соочува со финансиски турбуленции. Иако со огромни вложувања стана еден од најсилните тимови во Евролигата и редовен кандидат за највисок пласман, проблемите со буџетот и иднината на сопственоста создадоа голема неизвесност.
Монако има право на жалба пред Француската кошаркарска федерација, а во следниот период се очекува да се реши дали ќе биде пронајдено спасоносно решение за клубот. Една од опциите е промена на сопственоста и нов инвестициски проект кој би ја стабилизирал ситуацијата. Дури како инвеститор се јавува поранешниот НБА играч Џамал Мешбурн кој со своја групација би можел да го спаси клубот од финансиска колапс.
За тимот во кој настапуваат големи имиња и кој последните години се наметна како европска сила, ова е еден од најтешките моменти во историјата. Иднината на Монако останува неизвесна, а европската кошарка чека одговор дали еден од најбогатите проекти во последната деценија ќе успее да го избегне најлошото сценарио.


