Шампионот МЗТ Скопје ја комплетира катастрофалната вечер за македонските претставници во АБА 2.
Откако Работнички замрзна на -25 од Босна, тимот од Аеродром загуби добиен натпревар на домашен терен од словенечкиот Домжале со 70-72. Ова е втор пораз за МЗТ Скопје во АБА 2 лигата и втор на сличен начин со што во прашање е доведен пласманот во следната фаза од регионалното натпреварување.
Долго време Домжале го диктираше темпото на овој натпревар, но немаше повисока предност од пет поени разлика. МЗТ Скопје го презеде водството на средина од третиот квартал и исто така не успеа значително да се одлепи, но имаше +6 (64-58) на околу пет минути пред крајот на мечот и 67-62 минута подоцна.
За жал, во клучните моменти ништо не сакаше да влезе. Едвин промаши два шута за двојка, Војдан еден за тројка, а гостите го искористија тоа за со серија од 6-0 да се вратат во водство. Едвин израмни, но Цопот потоа постигна тројка за предност од 71-68 за Домжале. Слај намали на -1, Шпан беше само еднаш прецизен од линијата за слободни фрлања, но на МЗТ Скопје му останаа 20 секунди да организира напад за продолжение или победа. Домаќините се изборија за два обида, но Војдан Стојановски и Баковиќ беа непрецизни и Домжале се израдува на победата.
Слај со 20 и Едвин со 17 поени беа најефикасни кај МЗТ Скопје кој сега е на работ на елиминација. Домжале е недостижен на првото место, а македонскиот првак мора да ги добие сите три меча до крајот и да се надева дека Цедевита Јуниор ќе загуби од словенечкиот тим.


