У19 селекцијата на Македонија со пораз го почна Европското првенство Б-дивизија во Хрватска.
Во првото коло, нашите млади кошаркари загубија од Грузија со 66-83, пред се поради лошата игра кон крајот на третата и почетокот на последната четвртина. Својата шанса ја испуштија во вториот период кога имаа моментум, играа одлично, а направија и висока предност.
Почетокот беше тежок за двете репрезентации, тешко се постигнуваа поени, а највисоката предност изнесуваше три разлика и ја имаа Грузијците (17-14). Работите почнаа да се менуваат во наша корист со влегувањето на Цветковски кој го разигра нападот и пред се благодарение на него, Македонија на четири минути пред крајот на првото полувреме ги достигна највисоките +9 (35-26).
Кога тој застана, дојде и првиот пад во играта на македонската репрезентација, до крајот на полувреме Грузија направи 10-1 и на пауза се замина со израмнет резултат (36-36), Вториот дел подобро го почнаа Грузијците, но по нивната предност од 39-36, Македонија направи 11-3 и поведе со 47-42, во момент кога се разигра Ѓорѓевиќ и постигна осум поени во низа.
Тука почна најголемиот колапс на македонската репрезентација, нападот тотално запре, па заклучно со почетокот на последниот период, Грузија изгради серија од 20-2 и од 42-47, отиде на 62-49 што тотално ги уништи надежи на нашиот тим да дојде до победа. Нешто подоцна намалива на седум разлика, но уште една низа од осум поени ја однесе Грузија на недостижни 70-55.
Цветковски со 20 поени беше најефикасен во македонската репрезентација, а само уште Ѓорѓевиќ беше двоцифрен, со 11 поени. Лош беше шутот од игра на Македонија, со помалку од 33% (23/70), а особено за тројка бидејќи нашите играчи погодија само осум од 33 обиди.
По денешниот пораз, шансите на Македонија за пласман во четвртфиналето драстично се намалуваат бидејќи повеќе не е дозволен кикс и мораат да се добијат трите преостанати дуели. Првиот од нив е утре од 18 часот против БиХ.


