Вечерва официјално завршија квалификациите за кошаркарската Лига на шампионите кои имаа влијание и на изгледот на групите и во ФИБА Европа купот.
Особено со внимание натпреварите ги следеа во МЗТ Скопје од чија потенцијална група во квалификациите учествуваа дури три екипи. На крајот, ниедна од оние кои беа извлечени при ждрепката не успеа да ги помине квалификациите, па групата ќе биде иста како што беше одредено во јули.
Вирцбург и АЕК Ларнака рано ги завршија своите настапи, а Џики стигна дури до финалето на квалификациите, но сепак не успеа да ја мине последната пречка. Откако синоќа направи изненадување и го победи фаворизираниот Бреоган од Шпанија, Џики вечерва загуби од Вехта со 82-93, па полскиот тим ќе го продолжи својот настап во главната фаза од ФИБА Европа купот и тоа во групата со МЗТ Скопје.
Интересно е тоа што македонскиот првак со Џики ја завршува групната фаза со меч на домашен терен на 23 декември. Својот прв натпревар во ФИБА Европа купот, МЗТ Скопје го игра на 6 октомври против Ираклис, а во групата е уште Тарту од Естонија.


