Седми пат во историјата, втор во последните три сезони, екипата на Ритас е шампион на Литванија.
Во финалната серија, тимот од Вилнус го совлада најтрофејниот тим во земјата Жалгирис со 3-1, а последниот поен го освои денеска со триумфот на домашен терен со 88-87. Клучен се покажа брејкот во првиот натпревар од серијата кога Ритас славеше како гостин по што успеа да го сочува својот терен. Интересно е тоа што две од трите победи Ритас оствари со еден поен разлика, а до третата дојде по продолжение.
До триумфот на денешниот меч, а со тоа и до титулата, Ритас стигна на исклучително драматичен начин, со кош на седум секунди пред крајот кој го постигна Маркус Фостер, убедливо најдобриот играч на натпреварот со 33 поени. Жалгирис имаше шут за победа пред истекот на времето, но Лекавичиус беше непрецизен.


