Македонскиот репрезентативец Андреј Јакимовски го одигра својот најдобар натпревар откако летоска стана играч на италијанскиот прволигаш Тренто.
По тешкиот период на адаптација и епизодната улога во претходните четири натпревари, нашиот кошаркар денеска блесна во победата на Тренто на гостувањето кај Будуќност во рамките на Еврокупот и е меѓу најзаслужните за триумфот на неговиот тим. Тренто славеше со 107-96, а Јакимовски партиципираше со 15 поени од кои речиси половина (7) во третата четвртина која италијанскиот тим ја доби со 30-12 и го реши прашањето околу победникот.
Јакимовски погоди три тројки од пет шута, за два имаше 2/2, а од линијата за слободни фрлања 2/3. Додаде уште три скока и две асистенции и го заврши мечот со индекс 17, трет највисок во тимот на Тренто, зад Џонс (29) и Олдриџ (18). Мора да се знае дека македонскиот кошаркар играше значително помалку од нив, на теренот помина само 16 минути, додека Американците играа по 26 минути.
По две кола, Тренто има биланс 1/1 откако минатата недела доживеа тежок пораз од Бурж на домашен терен и се наоѓа на осмото место во својата група. Во следното коло, италијанскиот тим го очекува гостување кај Лондон Лајонс кој е последен на табелата, без победа.
Денеска победа оствари и тимот на Кемниц во чиј стручен штаб е Ѓорѓи Кочов. Бундеслигашот го победи Лиеткабелис на домашен терен со 86-67.


