Безмалку два месеца откако доживеа повреда која го одвои долго време од терените, а во меѓувреме беше и трејдуван, Лука Дончиќ покажа зошто е една од најголемите ѕвезди во НБА.
Ноќеска Лос Анџелес Лејкерс го уништи Денвер, совладувајќи го со 123-100 во Колорадо, а главна ѕвезда на вечерта беше токму словенечкиот ас. Тоа беше прва победа за тимот од Калифорнија во Денвер по речиси три години, но со неа Лејкерс им ја прекинаа на Нагетс серијата од девет триумфи. Последната победа на оваа екипа во Бол арената датира од 10 април 2022 година.
Иако Лејкерс беа постојано во водство, а уште во првата четвртина имаше +14, победникот беше решен дури во финишот, односно со фантастичниот последен период кој гостите го добија со 27-13. Лука Дончиќ беше неизвесен за настап на овој натпревар поради повреда на листот, но сепак се појави и за нешто помалку од 31 минута во игра, постигна 32 поена, 10 скока и 7 асистенции. Покрај него, се истакна и Леброн Џејмс со 25 поени, 9 скока и 5 асистенции.
Интересен беше ефектот на Никола Јокиќ кој одигра еден од своите најлоши натпревари оваа сезона, а сепак постигна трипл дабл. За 35 минути постигна 12 поени, 13 скока и 10 асистенции, но во категоријата +/- имаше -11. Поради овој пораз, како и победата на Мемфис против Орландо, Денвер пак падна на третата позиција на Западот со тоа што Лејкерс им дишат в грб и во последните 25 меча ќе се води голема битка.
РЕЗУЛТАТИ
Портланд – Шарлот 141-88
Јута – Хјустон 124-115
Денвер – ЛА Лејкерс 100-123
Филаделфија – Бруклин 103-105
Чикаго – Феникс 117-121


