Првата ѕвезда на Будуќност, Мекинли Рајт е најкорисен кошаркар сезонава во АБА лигата во изборот на клубовите, новинарите и фановите.
Нему ќе му припадне признанието „Дејан Милојевиќ“ како што од лани се вика МВП признанието, а во чест на прерано починатиот српски стручњак кој е и рекордер во АБА со три вакви награди. Рајт доби 39,1% од гласовите, а зад него останаа соиграчот Кенан Камењаш со 26,8% и Брајс Џонс од Игокеа со 23,9%.
Интересно е тоа што Американецот немаше којзнае каква статистика, просечно постигнуваше по 12,8 поени, 2,4 скока и 4,9 асистенции со индекс 16, но и со тоа беше најдобар во својот тим, а Будуќност го заврши основниот дел од сезоната на првото место. Неговиот просечен индекс е втор најмал на еден МВП во историјата на НБА, по оној на Никола Калиниќ кој во 2022 година беше прогласен за најдобар играч со 12,96. За споредба, претходните две сезони, наградата ја освојуваше кошаркарот на Задар, Лула Божиќ со индекс 29,16 и 32,56.
Ова е трет пат во историјата на АБА, кошаркар на Будуќност да е прогласен за МВП на сезоната, по Дејан Милојевиќ во 2004 и Гога Битадѕе во 2019 година. Ова е втора награда за подгоричкиот тим во АБА оваа сезона откако претходно Андреј Жакељ беше прогласен за тренер на годината.


