Кошаркарите на Пелистер утре вечер против Тиквеш завршуваат со настапи во оваа календарска година, но „зелено-белите“ издвоија дел од своето време во хумани цели, па дел од вчерашниот тренинг минаа во заедничка дружба со децата со попречености од „Ресурсниот центар Кочо Рацин“.
За хуманитарната акција ги спуштија кошевите на помала висина за да играат со децата со попречености, се дружеа, постигнуваа заедно кошеви, забиваа, заедно одржаа мал комплетен тренинг со учениците и за крај им поделија новогодишни подароци.

Ова беше ретка прилика дечињата да се дружат со кошаркарите на Пелистер, а тоа донесе огромна радост на нивните лица во пресрет на новогодишните и божиќните празници.
Сето тоа помина во прекрасна атмосфера, а децата покрај игра и забава добија и подароци – новогодишни пакетчиња кои им ги поделија кошаркарите на Пелистер. Сите добија пригодни подароци од нивните миленици Лука, Костоски, Бојиќ, Стајиќ, Едвардс, Ташовски, Дарко и останатите, а присутен секако беше и тренерот Александар Петровиќ, заедно со неговиот стручен штаб.


