Кошаркарската федерација на Македонија вечерва се огласи со соопштение дека ќе почне постапка против Чаир за случувањата на денешниот пријателски натпревар против ТФТ кој беше прекинат поради општа тепачка.
Соопштението на Федерацијата го пренесуваме во целост:
„Македонската кошаркарска федерација ќе ги преземе сите мерки, и ќе изрече соодветни казни за актерите во инцидентот кој се случи вечерва на пријателскиот натпревар помеѓу екипите на ТФТ и Чаир 2030, во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје, кој беше прекинат од страна на официјалните лица.
За таа цел, согласно со првичните информации, комесарот за натпреварување, Александар Милојевиќ, од актерите, односно од претставниците на двата клуба, побара во текот на утрешниот ден да му достават изјави за инцидентот, односно причините за прекинатиот натпревар.
Освен тоа свое видување во писмена форма ќе дадат и официјалните лица (судиите и делегатот на натпреварот), по што ќе бидат донесени соодветни одлуки.
По втор пат за кратко време, во подготвителниот период, пред почетокот на новата натпреварувачка сезона, екипата на Чаир 2030 е учесник на натпревар во кој се случуваат работи кои немаат ништо заедничко со кошаркарската игра.“
Претставниците на двата клуба треба да дадат изјави до утре точно напладне по што комесарот Милојевиќ ќе одлучи какви мерки ќе преземе.


