Италијанскиот вицешампион Виртус стигна до првата победа во Евролигата оваа сезона и тоа на теренот каде што веројатно малкумина очекуваа.
Во преполната белградска Арена, тимот од Болоња го победи Партизан со 70-69 откако цел натпревар бркаше негатива. Партизан имаше предност и од девет поени разлика но во последната четвртина тотално зариба и фрли во вода се што градеше претходно.
Во тие десет минути, домашниот тим постигна само осум поени, а девет минути беше на едвај пет. Во клучниот напад Лундберг не се снајде, противничките играчи одиграа добра одбрана на него и тој не успеа да поентира. Сепак, Партизан имаше шанса да дојде до победа, Нтиликина доби подарок од противничките играчи, се најде во позиција за тројка, но не успеа да погоди.
Повеќе нема екипи без победа во Евролигата оваа сезона. Виртус сега е на 1/4, додека Партизан има 2/3.


