Црвена звезда не го започна новото издание на Евролигата според посакуваното, откако на домашен терен загуби од Жалгирис со 77-83. Уште поголема причина за незадоволство има Џонатан Мотли, кој имаше кошмарно деби во црвено-белиот дрес.
Американскиот центар, од кого во Белград очекуваат многу во новата сезона и кој беше најзвучно засилување за тимот во текот на летото, на паркетот помина само 14 минути, но за тоа време постигна само два поени, со ужасен шут од игра – 1/7.
Загуби дури шест топки, а имаше и две асистенции. Во дефанзивата ситуацијата не беше ништо подобра – направи пет лични грешки, од кои дури четири во нападот. Посебно проблематично за Звезда беше тоа што Јонас Валанчиунас доминираше во рекетот против него. Литванскиот центар одигра одличен натпревар и во голем дел од дуелот беше нерешлива енигма за домаќините.
На крајот, Мотли заврши со индекс на корисност -13, што е втор најлош учинок во историјата на модерната Евролигата. Полош резултат од него има само Лука Жориќ, кој во сезоната 2013/14, како кошаркар на Фенербахче, завршил натпревар со индекс -14. Со -13 на оваа листа се наоѓаат и Џеј Џеј Ејџисон и Ерл Кларк.
Изданието на Мотли наиде на жестоки критики кај навивачите на Црвена Звезда кои веќе го нарекоа „најголема измама“ во историјата на клубот.


