Поранешниот македонски репрезентативец Александар Костоски во новата сезона ќе биде капитен на Пелистер и се надева дека ќе има можност како прв во историјата на клубот да подигне еден пехар.
Битолскиот прволигаш в сабота ја отвора сезоната со мечот од Суперкупот на Македонија, а искусниот плејмејкер откри што очекува.
„Втора година сум дел од Пелистер, би сакал да кажам дека ми е чест што пред крајот на кариерата ми е чест што сум дел од колектив што личи на кошаркарски клуб, кој ги исполнува стандардите од сите можни аспекти. Како играчи ги имаме сите можни услови за да работиме и да напредуваме, верувам дека е го искористиме тоа. Се надевам дека ќе продолжиме да се развиваме и дека ќе го кренеме резултатот во однос на лани, дека ќе донесеме барем еден трофеј во кошаркарска Битола.
Екипата е променета во однос на лани, покомплетна на сите позиции. Можам да ги пофалам сите, навистина се добри момци и лесно се вклопуваме во системот на тренерот. Јасни се амбициите, борба за сите трофеи верувам дека со квалитетот што го поседуваме можеме да стигнеме далеку. Јас со своето искуство се обидувам на помладите да им објаснам што значи спортот, се надевам дека не се лутат, сето тоа е добронамерно и е за доброто на КК Пелистер“, вели Костоски.
Тој е еден од ретките што остана во тимот во однос на минатата сезона што беше и очекувано ако се знае дека лани потпиша договор на две години.


