Хрватскиот кошаркар со богато интернационално искуство Фран Пилепиќ е нов играч на поранешниот вицешампион на Македонија, Кожув.
Во Гевгелија доаѓа од иранското првенство, но зад себе има 17-годишна професионална кариера во која, меѓу другото, играше и за Канту, Билбао, Лиеткабелис, Цибона, Цедевита итн. Освои три шампионски титули во хрватското и две во босанското првенство, па и покрај тоа што има 35 години, се очекува да биде големо засилување за тимот на Кожув.
Пред потпис со гевгеличани е и американскиот интернационалец Мајлс Хауард, довчерашен играч на Шибенка кој ќе ја покрие центарската позиција. Има 26 години, висок е 206 сантиметри, а пред да дојде во Хрватска, настапувал во финското првенство.
Новото раководство на Кожув со високи амбиции ја очекува новата сезона, а наскоро планира да донесе уште еден интернационалец на плејмејкерската позиција со што ќе атакува на горниот дел од табелата.


