Поранешниот вицешампион на Македонија, Кожув направи речиси целосен ремонт на екипата, но и на раководните поизиции во клубот, во текот на летото.
Освен тоа што има нов претседател во поранешниот репрезентативец Александар Димитровски, гевгеличани одлучија да ја сменат стратегијата, па во иднина, главно, ќе се потпрат на домашни сили или ќе им дадат простор на играчите од својата школа. Првиот чекор кон тоа е направен со промоцијата на петмина млади кошаркари во првиот тим кои ќе можат да учат од поискусните, како и од четворицата странци кои се ангажирани за новата сезона. Тренер на екипата останува Апостоли Апостолов кој ја заврши минатата натпреварувачка кампања во која на клупата беа уште Александар Јончевски и Борче Даскаловски.
„Покрај Фран Пилепиќ кој прв беше претставен, нови играчи на Кожув се Мајлс Хауард од АБА 2-лигашот Шибеник, Душан Поповиќ од Дунав и Андреја Стефановиќ кој има искуство во Франција и Црна Гора. Од ланскиот тим останаа Караџовски, Главчев и Колев, повратник е младинскиот репрезентативец Бојчев кој потекнува од школата на Кожув, а нов играч е Алек Петковски.
Она што е најважно, во првиот тим приклучивме пет кошаркари од школата. Тоа се Ристе Букршлиев кој беше член на јуниорската репрезентација што освои злато на Европското првенство Б-дивизија ова лето, потоа Јордан Кузманов кој исто така беше во конкуренција за таа селекција, Андреј Ицев, Димче Ефтимов и 15-годишниот Лука Чучанов. Како асистент останува Илија Ефтимов, а стручниот штаб ќе биде засилен со Слободан Калиниќ од Србија кој со Ефтимов и Ѓоко Глигоров ќе работат и со младите генерации. Кондициски тренер е Трајче Стојанов, а ништо од ова немаше да биде можно без помошта од Оштина Гевгелија. Кожув во новата сезона ќе има дури осуммина кошаркари кои се родени во Гевгелија, исто како и тренерот, помошникот и целото раководство.
Амбициите за новата сезона се пласман во плејофот, но многу поважно ќе ни биде, со квалитетна работа да добиеме стандардни првотимци од младите кошаркари кои ги унапредивме во сениорскиот тим“, изјави Апостолов кој е и поранешен капитен на Кожув.
Подготовките за новата сезона Кожув ги почна на 26 август, а веќе идната недела стартува со пријателски натпревари. Прв тест ќе биде турнирот во „Андреј Грковски“ во Скопје, во организација на ТФТ, на кој ќе настапат уште Работнички и МЗТ Скопје, на 10 септември ќе игра со Маџари, на 14 септември со Ираклис во Солун, а подготовките ќе бидат финализирани со дуели против Феникс и ТФТ.
фото: Филип Данински


