На три кола пред крајот на сезоната, екипата на Кожув обезбеди опстанок во Првата македонска кошаркарска лига откако денеска славеше на гостувањето кај Академија ФМП со 90-85.
Гевгеличани сега имаат три победи предност пред останатите екипи по што теоретски е невозможно да заврши на некое од последните две места на табелата. Во последните три кола ќе се знае која од останатите ќе му прави друштво во елитата.

Академија ФМП имаше и 14 поени предност во втората четвртина (36-22),но до крајот на полувремето Кожув успеа да ја анулира негативата и на пауза да замине со 48-48. И во третата четвртина домаќинот доминираше, поведе со 65-55 кон средината на овој квартал и повторно Кожув се доближи на 67-69. Во драматичниот финиш, гостите го комплетираа пресврт и се изборија за опстанок во елитната конкуренција.
Миљан Марковиќ беше најдобар играч кај Кожув со 29 поени и 13 скока, но Вујадновиќ беше на чекор од трипл дабл со 16 поени, 13 скока и 8 асистенции. Кај Академија ФМП, Робертс постигна 32 поена, а Димитровиќ оствари дабл дабл со 15 поени и 10 скока.


