Поранешниот финалист во домашниот плејоф и Купот на Македонија, Кожув влегува во новата сезона со јасно поставени цели – подобар пласман во Суперлигата и сериозен исчекор во работата со младинските категории.
На прес-конференција пред стартот на новата натпреварувачка сезона, раководството на гевгелискиот клуб ги претстави амбициите, составот на играчкиот и стручниот кадар, како и приоритетите за периодот што следува.
Претседателот на клубот Зафир Чучанов потсети дека Кожув во изминатите две сезони завршуваше на петтото место во Македонската Суперлига, но најави дека оваа година целта е чекор погоре.
„Претходните две години завршивме на петтото место во македонската Суперлига. Оваа сезона, чекор по чекор, целиме да бидеме меѓу првите четири екипи. Очекуваме едно од најнеизвесните првенства досега, со оглед на силата на ростерите кај сите клубови“, најави Чучанов.
Директорот на клубот Александар Димитровски истакна дека како никогаш досега Кожув има дури седуммина гевгеличани во тимот што треба да биде значаен влог во иднината, но и мамка за љубителите на кошарката во градот кои треба да дадат поддршка кон остварување на целите.
Покрај сениорскиот тим, во клубот посебно внимание посветуваат на развојот на младинските категории. За првпат четири генерации на Кожув ќе бидат дел од младинските лиги, што претставува значаен чекор во градењето на систем за работа со младите кошаркари.
За координатор на младинската академија е назначен Перо Блажевски, а во клубот најавуваат дека развојот на младинскиот погон ќе биде еден од главните приоритети во следниот период. Дополнително, Кожув најави и продлабочување на соработката со локалната кошаркарска средина. Ќе биде потпишан меморандум за соработка со Кошаркарскиот клуб Гевгелија, со цел дополнително да се придонесе кон развојот и унапредувањето на кошарката во регионот.


