Македонскиот стручњак Емил Рајковиќ повеќе не е тренер на ЦСКА, објави денеска осумкратниот европски шампион.
Раскинот на соработката доаѓа два дена откако московкиот тим доживеа пораз од Уникс во последното коло од основниот дел во ВТБ лигата и заврши на третата позиција на табелата. Рајковиќ си заминува по безмалку две сезони на клупата, но со неколку рекорди зад своето име.
„Ова беше тешка одлука за нас, особено поради тајмингот бидејќи не се случува често да се смени тренерот на една недела пред почетокот од плејофот. И порано велев дека Рајковиќ со голема одговорност ја извршуваше работата, во првиот дел од сезоната функциониравме одлично, но во вториот дел резултатите, а особено играта, не беа на посакуваното ниво. На тимот му беше потребна промена, а ние секогаш ќе ги третираме Емил и неговите соработници како големи пријатели“, изјави претседателот на ЦСКА, Андреј Ватутин.
Минатата година оствари 30 победи во регуларниот дел и 24 во низа што е најдобро достигнување во историјата на ЦСКА и на ВТБ лигата како резултат на што го доби признанието за тренер на годината во ова натпреварување. Оваа сезона ЦСКА долго беше на врвот, но по паузата за Ол стар викендот екипата влезе во мала криза што се одрази на резултатите и на пласманот на табелата.
Заедно со Рајковиќ си заминува и неговиот помошник од Македонија, Сашо Тодоровски, како и вториот асистент Марко Величковиќ. На местото на македонскиот стручњак е назначен Гркот, Андреас Пистиолис.