Американскиот кошаркар Џабари Паркер повеќе не е член на Партизан, откако белградскиот клуб и крилниот центар постигнаа договор за спогодбен раскин на соработката. Со тоа заврши периодот на неизвесност околу иднината на едно од најзвучните засилувања и најскап кошаркар во историјата на „црно-белите“.
Паркер пристигна во Белград во летото 2025 година од Барселона, потпишувајќи двегодишен договор со Партизан. Очекувањата беа големи, пред сè поради неговото искуство во НБА лигата и квалитетот што требаше да му го донесе на белградскиот тим. Сепак, соработката не се одвиваше според плановите на клубот.
Американецот не успеа да ја оправда улогата што му беше доделена, па во февруари 2026 година замина на позајмица во шпански Хувентуд, каде што ја продолжи кариерата. По завршувањето на ангажманот во Шпанија, се врати во Белград, но не беше дел од плановите на Партизан за новата сезона.
Džabari Parker više nije košarkaš Partizana Mozzart Bet! Nakon što mu je istekao angažman u Huventudu, Parker se vratio u Beograd, ali nije bio deo crno-belog tima. Danas su igrač i Klub pronašli rešenje i na obostrano zadovoljstvo postigli sporazum o okončanju saradnje. KK Partizan želi Džabariju Parkeru mnogo sreće u budućnosti.
— KK Partizan Mozzart Bet (@PartizanBC) October 23, 2026
Разрешницата пристигна во петокот, кога двете страни најдоа заедничко решение за прекин на договорот.
Од Партизан потврдија дека клубот и кошаркарот се разделуваат спогодбено, посакувајќи му успех во продолжението на кариерата.
Паркер беше втор пик на НБА драфтот во 2014 година, кога го избра Милвоки. Во најсилната кошаркарска лига во светот настапуваше и за Чикаго, Вашингтон, Атланта, Сакраменто и Бостон, пред кариерата да ја продолжи во Европа.
Неговиот престој во Партизан, сепак, не ги донесе резултатите на кои се надеваа навивачите и раководството. Наместо долгорочна соработка и значајна улога во амбициите на белградскиот клуб, приказната заврши со разделба по нешто повеќе од една година.


