Младата македонска репрезентација го освои деветтото место на Европското првенство Б-дивизија што се одржа во Братислава.
Во својот последен меч на шампионатот, нашите млади кошаркари ја совладаа БиХ со 91-81 за четврта победа во низа, а трета во нокаут фазата. Како и на претходните два меча, македонската репрезентација ја имаше контролата над резултатот со тоа што за разлика од нив, сега постојано беше во водство, а само 15 секунди на почетокот резултатот беше израмнет.
Македонија отвори со 7-0, пред крајот на првата четвртина беше +12 (23-11), а највисоката предност изнесуваше 19 разлика (86-67), во последниот период. Босанците на моменти знаеја да се вратат во игра со серија поени, но не ја загрозија победата на македонската селекција.
Плејмејкерот Сергеј Младеновски го одигра својот најдобар натпревар на првенството, со постигнати 17 поени, вклучувајќи две атрактивни забивања. Двоцифрени беа уште Луканоски со 15, Димитриев со 12 и Ќириловски со десет поени.
Резултатите на последните четири меча на првенството покажуваат дека деветтото место не е вистинската слика за оваа генерација која пред две години ја освои титулата на Европскиот шампионат Б-дивизија во јуниорска конкуренција. На целото првенство, македонската селекција потфрли само против Ирска и тој пораз на крајот скапо ја чинеше. Останува жал поради отсуството на двајца од најдобрите играчи од оваа репрезентација Никола Јаничиќ и Стефан Стојковиќ со кои секако и резултатите и пласманите секако ќе беа подобри.


