Екипата на Крива Паланка поведе со 1-0 во финалната серија од Првата женска кошаркарска лига откако вечерва на домашен терен убедливо го совлада Бадел, со 81-64.
Паланчанки ја потврдија доминацијата од основниот дел на сезоната и не дозволија изненадување пред својата публика. Бадел во ниеден момент не беше во предност, а уште по првото полувреме стана јасно како ќе се одвива натпреварот.
Крива Паланка отвори со 9-1, во седмата минута водеше со 19-7, а Бадел во вториот период се консолидира и се доближи на само три разлика. Сепак, Крива Паланка пред крајот на првото полувреме направи серија од 7-0 и со огромно водство, од 44-29 замина на голем одмор. Во вториот дел Бадел не успеа да се доближи на едноцифрена негатива, а Крива Паланка кон средината на последниот период ја достигна највисоката предност, од 22 разлика (71-49).
Робинсон со 30 поени беше најефикасна на натпреварот, Ниехуес оствари дабл дабл со 17 поени и 10 скока, а Алексовска постигна 15 поени. Кај Бадел доминираше Клири која исто така имаше дабл дабл, со 19 поени и 12 скока.
Вториот меч од серијата се игра на 2 мај, исто така во Крива Паланка. Титулата ќе ја освои тимот што прв ќе стигне до три победи.


