Првиот трофеј во новата сезона ќе биде доделен уште на нејзиниот почеток. Крива Паланка и Баскет Кам 2011 вечерва ќе ги одмерат силите за Суперкупот на Македонија „Драган Василов – Цевка“, во дуел кој ги носи на едно место шампионот и освојувачот на Купот од минатата сезона.
Салата „Бранители 2001“ во Крива Паланка ќе биде домаќин на големата пресметка, која започнува во 18 часот. Домашниот тим ќе има дополнителен мотив бидејќи ќе игра пред својата публика и ќе се обиде првпат во клупската историја да го освои Суперкупот.
На спротивната страна ќе биде тимот од Македонска Каменица, кој веќе има сериозно искуство во ова натпреварување. Баскет Кам 2011 е актуелен освојувач на трофејот и ги освои претходните четири изданија, почнувајќи од 2022 година. Минатата сезона, во битката за пехарот, го совлада Вардар.
Крива Паланка, пак, зад себе има сезона во која стигна до шампионската титула, а сега има можност тој успех да го надгради со уште еден пехар. Дополнителен предизвик за составот на Виктор Петровски е фактот што во новата сезона влегува со значително подмладен и променет ростер.
„Имаме одредени промени во ростерот, тимот е значително подмладен и нормално е дека ни треба време за целосно да се воиграме. Но, она што многу ми се допаѓа е карактерот на мојата екипа и начинот на кој девојките работат, како едно. Многу им верувам на моите играчи и верувам дека со секој одигран натпревар ќе изгледаме сè подобро и подобро. Секогаш првиот натпревар носи одредена посебна енергија, особено кога станува збор за натпревар за трофеј. За нас ова е можност да покажеме до каде сме стигнале со подготовките и да ја пренесеме работата од тренинзите на терен. Свесни сме дека сезоната е долга, но сакаме да започнеме со трофеј за уште посилен мотив пред стартот на првенството. Очекувам квалитетен и неизвесен натпревар во кој деталите ќе имаат големо значење. Баскет Кам е екипа со големо искуство, со играчи кои повеќе години се заедно, но ние сакаме да го наметнеме нашиот ритам. Подготвени сме за предизвикот и верувам дека ќе ги покажеме карактерот, енергијата и тимскиот дух што ги имаме и ќе го потврдиме шампионскиот менталитет“, вели тренерот на Крива Паланка, Виктор Петровски.
Баскет Кам претрпе големи промени во составот, а од клупата ќе го предводи Јордан Цветановски. И покрај тоа што екипата нема да настапи во комплетен состав, амбициите остануваат високи.
„Не очекува тежок натпревар против Крива Паланка, која е квалитетна екипа и актуелен шампион. Ние, иако не сме комплетни, веруваме во нашите квалитети. Ќе дадеме максимум од првата до последната минута и се надевам дека ќе успееме да го освоиме Суперкупот“, порача Цветановски.
Двата тима имаат свои причини за оптимизам, но само еден ќе го подигне пехарот. За Крива Паланка тоа би бил прв Суперкуп во историјата, додека Баскет Кам ќе се обиде да ја продолжи серијата и по петти пат едноподруго да го освои трофејот.


