Со два одвоени турнира, денеска почнува новото издание на ВАБА 2 лигата во која по подолго време Македонија ќе има свој претставник.
Во регионалното натпреварување ќе учествува Крива Паланка, амбициозниот клуб кој последните години се истакнува со добрата работа во својата школа, но и со желбата да освои еден од трофеите во домашната кошарка. Минатата сезона беше вицешампион, првпат во својата историја стигна до финалето каде загуби од поискусниот Баскет Кам, а оваа кампања ќе ја почне со настапот во ВАБА 2 лигата.
Крива Паланка ќе биде домаќин на еден од турнирите, покрај Клостенбург и ќе пречека уште четири екипи од просторите на поранешна Југославија: Подгорица од Црна Гора, Бановиќи од БиХ и Илирија од Словенија. Своето деби нашиот претставник ќе го забележи денеска од 19 часот против Подгорица.
„Самото учество во ВАБА 2 лигата е голем успех за нашиот клуб и град. По успешната ланска сезона, оваа година одиме чекор напред и ќе се натреваруваме во регионалната лига. Сезонава ВАБА 2 е многу силна, првите два натпревара ги играме на домашен терен што е мотив плус за нас. Во првото коло играме со Подгорица, екипа што лани беше во топ-4 екипи во лигата, се надевам на добра игра и максимална борбеност од моите играчи и сигурен сум дека и во првата сезона во меѓународното натпреварување ќе оствариме победи и добро ќе го претставиме клубот и и градот на меѓународната сцена. Ги поканувам сите љубители на кошарката да дојдат и навиват за нас и да уживаат во квалитетна кошарка“, изјави тренерот на Крива Паланка, Виктор Петровски.
Македонскиот вицешампион утре ќе се сретне со босанскиот Бановиќи, а вториот турнир на кој ќе учествува е пред крајот на октомври во Славонски Брод.


