Кошаркарките на Бадел славеа на гостувањето кај Крива Паланка со 88-80 во дербито од второто коло на Првата лига-жени, нанесувајќи му го на актуелниот шампион и вториот пораз во новата сезона.
Гостинките уште во воведните десет минути покажаа дека се дојдени по цел плен. Бадел одигра одлична прва четвртина, ја доби со 28-16 и навести дека домаќинките ќе имаат тешка задача. Предноста на скопскиот состав во еден момент достигна и 18 поени (44-26) и се чинеше дека победникот е решен, но драмата допрва почнуваше.
Со серија од 12-0, Крива Паланка се доближи на само шест разлика иако Бадел на голем одмор замина со удобни 49-38. Шампионот продолжи да ја игра својата игра и кон средината на последниот период не само што ја достигна високата негатива, туку и дојде до водство со 74-72. Николов одговори со четири поени по ред, на спротивната страна Гордон погоди тројка за 77-76 и тоа беше се од домашниот тим. Бадел постигна осум поени по ред за водство од 84-77 и знаеше како мирно да го приведе мечот кон крајот за голема победа и голема предност во однос на големиот ривал за титулата уште на почетокот од сезоната.
Марија Николов беше прво име кај победничкиот тим со 32 поени, три скока и три асистенции. Клири запиша дабл-дабл од 20 поени и 11 скока, додека Фримен оствари трипл-дабл со 17 поени, 14 скока и 10 асистенции. Петрушевска додаде 10 поени и шест скока. Кај Крива Паланка блескаше Гордон, која натпреварот го заврши со извонредни 40 поени. Ли имаше 11 поени и 14 скока, Алексовска постигна 12 поени, а Груевска заврши со 10.


