Македонскиот репрезентативец Бојан Крстевски вчера ја почна својата шеста сезона во дресот на МЗТ Скопје во која ќе се обиде да дојде до петтата шампионска титула.
Со своето искуство, 35-годишниот центар повторно ќе биде еден од главните адути на тимот од Аеродром, заедно со браќата Стојановски. Крстевски е задоволен од играта на МЗТ Скопје, особено во дефанзивниот дел и тоа очекува да се повтори и в сабота, во дуелот од Суперкупот на Македонија.
„Имавме добар старт на сезоната со победа на домашен терен. Одигравме добар натпревар, пред се во одбраната и успеавме да го задржиме противникот на 50 поени. Веќе в сабота не очекува натпревар од Суперкупот на Македонија против Пелистер коој направи одличен состав, со добри домашни и странски засилувања. Ако сакаме да дојдеме до победа на тој меч, треба да ја повториме добрата игра во одбраната од вчера“, смета Крстевски.
МЗТ Скопје го брани трофејот во Суперкупот, а Пелистер првпат во својата историја ќе настапи во ова натпреварување.


