Третото дерби на најголемите ривали за титулата во домашното првенство, ТФТ и МЗТ Скопје се игра попладнево, од 13 часот во салата во населбата Маџари.
ТФТ го пречекува својот ривал како лидер, но среде борбата за титулата во АБА 2 лигата каде дојде до финалето и од среда ќе ја почне серијата со Широки. Денешниот дуел е директен за првото место на табелата и покрај тоа што до крајот на овој дел има уште три кола во кои се можни промени. Ако ТФТ победи, ќе направи предност од два бода разлика, додека МЗТ Скопје со триумф ќе го преземе врвот и во последните три кола има натпревари исклучиво во Скопје.
Искусниот центар на МЗТ, Бојан Крстевски е свесен за тежината на денешниот меч, но најавува голема борба.
„Не очекува тежок натпревар со борба за првата позиција, ТФТ игра во одлична форма што можеше да се види дека во вториот натпревар со Сутјеска. Ние полека се комплетираме по периодот на повреди. Иако не можеме да искористиме сè, сепак имаме добра ротација во споредба со изминатиот период. Ако сакаме да победиме, мора да играме фокусирано на одбраната и да ја подобриме скок играта“, посочи Крстевски.
МЗТ славеше на претходнните два дуела со ТФТ од кои еден се играше во „Јане Сандански“, а еден во Негорски Бањи.


