Тројниот освојувач на титулите во поранешниот Куп на европски шампиони и во НБА лигата, Тони Кукоч синоќа беше специјален гостин на Партизан во дуелот со Олимпијакос, во 32. коло од Евролигата.
По мечот го истакна своето задоволство од пречекот од домашните навивачи, разочарувањето од поразот на Партизан, а даде и хипотетички коментар во врска со тоа дали Обрадовиќ можел да успее во НБА.
„Не се сомневам во тоа. Ако се земе неговото кошаркарско знаење – сигурно би успеал. Ако се земе предвид неговиот начин на комуникација, не знам дали кошаркарите во НБА би го истрпеле тоа. Но, тоа е до нив. Играчите денеска се многу разгалени, колку повеќе пари имаат, толку помалку им се игра кошарка“, изјави Кукоч.
Неговото враќање во Белград беше можност и за потсетување на последниот настап во југословенското првенство, токму против Партизан, во 1991 година.


