Италијанскиот прволигаш Трапани предизвика фарса во Лигата на шампионите, на денешниот меч од баражот против Хапоел Холон што се играше во Самоков.
Натпреварот траеше само седум минути бидејќи Трапани настапи не со шест, како што беше најавено, туку со петмина кошаркари од кои двајца тинејџери, од школата на клубот. Од сениорите, во комбинација беа само Капелети, Росано и Пуљати, а Пати и Мартинели се од младинскиот тим и првпат играа натпревар во сениорска конкуренција.
По седум минути игра, резултатот беше 38-5 за Хапоел Холон, сите пет поени за Трапани ги постигна Мартинели, но Пати мораше да го напушти теренот поради пет лични грешки. Од другите четворица, тројца се повлекоа, наводно поради повреди, па италијанскиот тим остана со само еден кошаркар поради што не постоеја услови за продолжување на натпреварот.
За два дена Трапани треба да го пречека Хапоел Холон во вториот меч од серијата, но прашање е дали тоа ќе се случи, имајќи ги предвид новонастанатите услови.


