На една недела пред почетокот на новата сезона во Првата лига, станува јасно дека и дебитантот во елитата МКК Куманово ќе има свои адути за висок пласман.
Иако имаше проблеми околу составувањето на тимот, па дури и побара одложување на стартот на првенството поради тоа, клубот од Куманово успеа да донесе четворица странци со големо искуство на кои, јасно е, ќе се базира играта во новата сезона. Покрај поранешниот играч на градскиот ривал Куманово, Урош Луковиќ, под палката на Марин Докузовски ќе работат уште Американецот, Антабија Волер, Србинот Тадија Тадиќ и Босанецот Александар Радукиќ.
Сите тие имаат искуство во АБА натпреварувањата, Тадиќ е „дете“ на Партизан, Волер играше за Морнар и Игокеа, а Радукиќ исто така во Игокеа, плус голем број клубови низ Европа. За Луковиќ не треба да се трошат зборови бидејќи ѝ е многу добро познат на домашната кошаркарска јавност, како поранешен играч на МЗТ Скопје, Куманово и Кожув, како и на Морнар, Задар, ФМП итн.
Од староседелците, во тимот на МКК Куманово е поранешниот репрезентативец Марјан Јаневски, потоа Ренато Димитриевски, младинскиот репрезентативец Лука Димитриевски, како и Карло и Паоло Блажевски, што значи дека Докузовски ќе има на располагање солиден состав за дебитантската сезона на клубот во Првата лига.


