Селекторот на литванската репрезентација Римас Куртинаитис откри дека негов бил планот да се остави Ненад Димитријевиќ да биде осамен во играта на Македонија.
Димитријевиќ постигна 43 поени, но останатите кошаркари останаа далеку зад него бидејќи вториот стрелец во нашиот тим стигна до само шест.
„Имавме стратегија да играме агресивно во одбраната во сите 40 минути. Се разбира дека не беше лесно во првите две четвртини бидејќи Македонија постигна голем број поени, но ние бевме подготвени за цел меч. Го прекршивме натпреварот во третиот период и завршивме со убедлива победа.
Не се грижевме за играта на само еден противнички кошаркар затоа што знаеме дека е невозможно сам да не победи. Беше важно да ги запреме другите добри шутери и поентери и мислам дека успеавме во тоа“, рече Куртинаитис.
Македонија на вчерашниот меч немаше многу решенија под кошевите и тоа беше една од причините поради кои Димитријевиќ мораше да игра сам. Со евентуален настап на Итан Хап, сигурно дека и опциите во нападот ќе беа поголеми.


