Приказната за проширување на НБА лигата сè почесто е тема во кошаркарскиот свет. Иако Лас Вегас и Сиетл долго време се сметаат за главни кандидати за нови франшизи, во трката се појави уште еден сериозен претендент – Канзас Сити.
Градот со голема кошаркарска традиција сака повторно да стане дом на НБА тим, откако повеќе од 40 години е без франшиза од најсилната лига во светот.
Канзас Сити некогаш беше дом на Кингс, кои таму играа 13 сезони – прво како Канзас Сити-Омаха Кингс, а потоа како Канзас Сити Кингс. Во тој период тимот имаше големи имиња како Нејт Арчибалд, Отис Бердсонг, Скот Ведман и Фил Форд.
Во 1985 година франшизата се пресели во Сакраменто, а оттогаш љубителите на кошарката во Канзас главно се насочија кон колеџ кошарката и легендарниот НЦАА тим. Сепак, со плановите НБА да се прошири на 32 екипи, Канзас Сити повторно ја гледа својата шанса за големо враќање на најголемата кошаркарска сцена.
Постои и друга варијанта Канзас Сити да се врати на НБА мапата, а тоа е Портланд Треил Блејзерс да го напушти Орегон и да се пресели во Мисури.


