Чикаго Булс одамна не е конкурент за висок пласман во НБА лигата, а за амбиции за шампионски титули веќе не станува ни збор.
Веќе една деценија тимот чека победа во плејоф серија, а во овој период само два пати успеа да се пласира во разигрувањето и притоа беше елиминиран во првата рунда. Една од главните ѕвезди во екипата е Зек Лавин кој колку-толку се обидува да направи нешто повеќе.
По седум години поминати во Булс, Лавин од синоќа стана сопственик на еден од рекордите на франшизата. Во поразот од Бостин (129-138), Лавин го помина Кирк Хајнрих и со 1.051 тројка сега е најдобар тројкаш во историјата на Чикаго Булс.
Најголем дел од останатиите рекорди на тимот од Илиноис се во сопственост на Мајкл Џордан. Тој е играч со најмногу одиграни натпревари (930), најмногу постигнати поени (29.277), најмногу одиграни минути (35.887), најмногу скокови (5.836), најмногу асистенции (5.012), најмногу украдени топки (2.306), најмногу погодени удари од игра (10.962) и најмногу погодени слободени фрлања (6.798). Интересно е тоа што Џордан не беше рекордер по бројот на погодени тројки каде се наоѓа на шестото место, а негов не е ни рекордот по бројот на блокади каде е втор, зад Артис Гилмор.


