Откако пред неколку дена пропадна трејдот со Марк Вилијамс од Шарлот, Лос Анџелес Лејкерс сепак успеа да се засили на центарската позиција.
Нов член на тимот е искусниот украински интернационалец Алекс Лен кој доаѓа како слободен агент откако минатата недела прво беше трејдуван, а потоа отпуштен од Вашингтон Визардс. Претходно четири сезони помина во Сакраменто Кингс, а во Лејкерс пристигна и покрај тоа што беше пред потпис со Индијана Пејсерс.
За да отвори место за Лен, Лејкерс го отпуштија Кристијан Вуд кој се мачеше со повреда. За многумина, доаѓањето на Украинецот не е паметен потег на тимот од Лос Анџелес бидејќи се работи за потпросечен центар кој не би можел многу да му даде на составот на Џеј Џеј Редик.
Доказ за тоа е статистиката од последните четири сезони во кои одигра вкупно 139 натпревари, а само во една имаше просек поголем од 2,5 поени. Претходно во кариерата, Лен настапуваше и за Феникс, Атланта, Торонто и Вашингтон.


