Џеј Џеј Редик најверојатно ќе биде нов тренер на Лос Анџелес Лејкерс, тврди добро информираниот американски новинар Шемс Чаранија.
Наводно, изборот паднал на него, а конкуренција му бил помошниот тренер во Њу Орлеанс, Џејмс Борего. Со двајцата се веќе направени интервјуа, а Редик е во голема предност и се очекува многу брзо официјално да биде назначен за нов тренер.
Ваквата одлука би била големо изненадување ако се знае дека тој нема никакво искуство бидејќи досега не работел како тренер во сениорска конкуренција. Последните години работи како телевизиски коментатор и во таква улога ќе го следи финалето меѓу Бостон и Далас кое почнува вечерва. Препорака на Редик му бил Мајк Кшижевски кој учествувал како консултант на Лејкерс во изборот на нов тренер. Двајцата соработуваа од 2002 до 2006 година на Универзитетот Дјук, но Редик тогаш беше кошаркар, а како тренер уште не се истакнал.
Во НБА лигата помина 15 сезони во шест екипи од кои најпознати беа Орландо Меџик и ЛА Клиперс. Просечно постигнуваше по 12,8 поени на натпревар, а важеше за добар шутер од дистанца.


