Суперѕвездата на Лос Анџелес Лејкерс, Леброн Џејмс ја искористил опцијата за раскин на договорот со својот тим и сега е слободен агент, откри во телевизиска емисија неговиот агент Рич Пол.
Причина за ваквата негова одлука е желбата да заигра со неговиот син Брони Џејмс кој се пријави на драфтот и можно е од есен да почне НБА кариера. Можно е Леброн, сепак, да остане во Лејкерс со нов договор, но тоа ќе зависи од одлуката на менаџментот на франшизата од Лос Анџелес, дали ќе го избере Брони на драфтот.
Тоа е и своевидна уцена од Леброн до Лејкерс кои на претстојниот драфт бираат како 17., а Брони не воодушевил многу на пробните тренинзи одржани претходниот период и секако не заслужува да биде избран толку високо. На помладиот Џејмс му се предвидува место меѓу 50. и 60. позиција, но можно е со евентуален трејд, сепак, да стигне во Лејкерс.
Со тоа што ја прифати опцијата за раскин на договорот со Лејкерс, Леброн Џејмс одби 51 милион долари кои му припаѓаат за претстојната сезона.


