Американската репрезентација славеше со 101-100 против Јужен Судан во својата претпоследна проверка пред Олимписките игри во Париз.
Секунди ја делеа африканската селекција да направи сензација на овој меч бидејќи првото полувреме го заврши со предност од 14 разлика, а во финишот водеше со 100-99. Бламажа на Американците спречи Леброн Џејмс со кош во последниот напад на САД. Јужен Судан имаше шанса, сепак, да триумфира, но двата обида во финалните секунди не беа прецизни. Да погодеа, тоа ќе беше најголема победа во кратката историја на Јужен Судан.
САД направија серија од 18-0 пред крајот на третата и почетокот на последната четвртина кога го презедоа водството и изгледаше дека се максимално разиграни и лесно ќе дојдат до победата. Имаа и +7 на помалку од две минути пред крајот, но му дозволија на противникот да постигне осум поени по ред и да дојде на чекор до победата. Во клучните моменти Леброн стапи на сцена, премногу лесно го мина својот чувар и постигна кош за триумф.
LEBRON JAMES POUR LA GAGNE !!
LE MEILLEUR JOUEUR DU MONDE !!!!!!!!!!! pic.twitter.com/A9REmTvshm
— LeBron James Fan 🇨🇵 (@LBJxGoat) July 20, 2024
Тој беше и најдобар играч на Американците со 23 поени, 6 скока и 6 асистенции, а веднаш зад него беше соиграчот од Лејкерс, Ентони Дејвис со 15 поени и 11 скока. На спротивната страна блесна новиот плејмејкер на Партизан, Карлик Џонс кој оствари трипл дабл со 15 поени, 11 скока и 11 асистенции.
Интересно е тоа што САД и Јужен Судан се во иста група на Олимписките игри, заедно со Србија и Порторико. Американците претходно ќе се сретнат уште со Германија, во генералната проба пред заминувањето за Франција.


