За четири години на Вашингтон Стејт Универзитетот, македонскиот репрезентативец Андреј Јакимовски стана вистинска легенда на овој колеџ за што последните денови зборуваат и неговиот тренер и соиграчите од кошаркарскиот тим, а пред се навивачите кои му приредија неверојатна чест на прошталниот натпревар одигран во четвртокот навечер.
Над 9.000 фанови во арената во Пулман можеби последен пат го поздравија нашиот интернационалец кому му претстои плејофот во Лас Вегас, а потоа тешка одлука дали ќе остане и петта сезона во Кугарс или ќе се врати во Европа.
Она што го доживеа Јакимовски во четвртокот веројатно е сон на секој кошаркар, без разлика каде настапува. Универзитетот ги поздрави сите сениори, вклучувајќи го и македонскиот репрезентативец кој на теренот излезе со членовите на неговото семејство.
Четвртата сезона ја завршува со 115 одиграни натпревари од кои 75 како стартер, како дел од топ-10 во историјата на универзитетот со 177 погодени тројки и над 3.000 минути во игра. Дури и четирикратниот НБА шампион и алумни на Вашингтон Стејт, Клеј Томпсон го нарече Јакимовски – легенда. Следен предизвик на Јакимовски ќе му биде да стане легенда на македонската кошарка.


