Кошаркарската репрезентација на Србија ги освои симпатиите на љубителите на спортот на Олимписките игри во Париз, прво со своето издание против САД, а потоа со прославата на бронзениот медал.
Сепак, тоа што се случуваше по мечот со Германија не им се допадна на сите, дури и во Србија. Со свое мислење излезе легендарниот српски одбојкар Андрија Гериќ кој имаше низа критики на сметка на кошаркарите.
„Нивното славје е во ред, но не беше момент за такво нешто. Прво требаше да помине церемонијата на доделување на медалите. А тоа што не можеа да ги најдат… во кафеана, тоа мене не ми е симпатично, но очигледно му симпатично на српскиот народ. На некој начин тоа е срамота, некултура и непочитување на другите учесници на турнирот бидејќи и тие нешто постигнале. Секогаш мораш да го почитуваш противникот, тоа е вредност во спортот која прва се учи. И јас сум освоил многу трофеи и сме ги славеле успесите, но мислам дека е преурането да се слави на таков начин“, смета Гериќ.
Славјето на српските кошаркари почна непосредно по мечот за бронзата, а по цел ден в кафеана, видливо беше дека дел од играчите се во алкохолизирана состојба при церемонијата на доделувањето на медалите. Бројни медиуми од лице-место објавија дека програмата доцнела бидејќи ги немало Србите кои се појавиле во арената околу полноќ.


