Тренерот кој се наоѓа на второто место на вечната листа во НБА по бројот на победи, Дон Нелсон на интересен начин го изрази својот револт поради трејдот на Лука Дончиќ во Лос Анџелес Лејкерс.
На синоќешниот меч меѓу Оклахома и Индијана, во финалето на НБА, Нелсон доби награда за животно дело, а на церемонијата излезе со најновиот модел патики од линијата на словенечкиот ас. Притоа рече дека тоа го направил со намена, односно од револт кон тоа што се случи во февруари.
„Ги носат новите патики на Лука, кои тукушто излегоа, како протест за трејдот што го направи Далас. Тоа беше огромна грешка и сите се свесни. Кога имаш голем играч како Бил Расел, Џон Хавличек, Сем Џонс… го задржуваш до крајот на животот, а не го трејдуваш. Така е и со Дончиќ, тоа е мојата филозофија“, рече Нелсон.
Тој има силни конекции со Далас Маверикс бидејќи беше тренер на овој тим од 1997 до 2005 година, а неговиот син Дони работеше таму како функционер од 2005 до 2021 година и, меѓу другото, беше од клучно значење за ангажманот на Лука Дончиќ и Џејлен Брансон.


