Откако последната полусезона ја помина како прв тренер на Гостивар и за малку не го спаси од испаѓање, легендата на македонската кошарка Перо Блажевски има нов ангажман.
Во новата натпреварувачка кампања тој ќе биде координатор на младинската школа на Кожув што ќе биде голем предизвик во неговата кариера. Со ова тој се враќа во Гевгелија и во тимот на Кожув кој беше негов последен клуб во играчката кариера и оттаму замина во пензија.
Кожув последните години многу надежи полага на својата школа каде има неколку извонредни генерации. Под водство на Блажевски, сето тоа треба да достигне ново ниво и во иднина да се берат плодовите на квалитетната работа.


