Предводникот на Денвер Нагетс, Мајк Мелоун од денеска е тренер со најмногу победи во историјата на франшизата од Колорадо.
Утринава во Лос Анџелес тој стигна до 433. триумф како тренер на Денвер со што го надмина досегашниот рекордер Даг Мо. На Мелоун му требаа 55 натпревари помалку за да го помине Мо, но мора да се знае дека на третото место е Џорџ Карл со 423 победи на 680 меча, 54 помалку од актуелниот тренер.
Мелоун е на клупата на Денвер од 2015 година и веќе го запиша своето име во историјата на франшизата откако лани ги однесе Нагетс до првата титула во НБА лигата. Сето тоа го оствари со еден од најдобрите играчи во историјата на кошарката Никола Јокиќ кој дојде во тимот во исто време со Мелоун.


