Кошаркарот на Панатинаикос, Најџел Хејс-Дејвис, со интересна изјава ја опиша својата работа и односот со тренерот Жељко Обрадовиќ.
Американецот, кој во кариерата настапуваше и за Жалгирис, Барселона и Фенербахче, вели дека свесно ја гледа својата професија од поинаква перспектива. Според него, фактот што е добро платен за да игра кошарка му наметнува и одговорност да им помага на луѓето на кои им е потребна помош.
Хејс-Дејвис е познат и по тоа што учествува во хуманитарни активности и дел од заработените средства ги насочува кон луѓе на кои им се неопходни.
„Многу често грчките навивачи ме потсетуваат колку заработувам од кошарката. Затоа секогаш размислувам како можам да помогнам со средствата што ги имам“, објасни американскиот кошаркар.
Тој потоа со доза на хумор објасни зошто смета дека неговата професија е „лесна“.
„Ме плаќаат многу за да играм детска игра. Постојат луѓе кои минуваат низ навистина тешки животни ситуации. Мојата работа е да одам на тренинг, Жељко урла по мене два часа, а потоа си одам дома и да правам што сакам“, рече Хејс-Дејвис.
Американецот нагласи дека токму вакви размислувања го потсетуваат колку е привилегиран и дека не ја зема својата позиција здраво за готово.
Хејс-Дејвис неодамна се врати на теренот по повредата поради која ги пропушти првите два натпревари од новата сезона. Во победата на Панатинаикос над Макаби со 90-67, тој за 25 минути постигна 13 поени, четири скока и четири асистенции.


