Европското јуниорско првенство се ближи кон крајот, остана уште завршната фаза по која ќе се знае дали македонската репрезентација ќе обезбеди опстанок или ќе се врати во Б-дивизијата.
Задачата воопшто не е лесна, утре треба да се победи Белгија, а потоа и подобриот од мечот меѓу Шведска и Бугарија. Опстанок гарантираат само две победи бидејќи елитата ја напуштаат трите најслабопласирани репрезентации на првенството во Белград.
А, овој шампионат испиша една од најчудните приказни на ваквите манифестации. Системот на натпреварување на овие првенства е таков што нема испаѓање во групната фаза и овозможува поправен испит во нокаут делот, а таквата ситуација најдобро ја искористи репрезентацијата на Летонија. Пред почетокот многумина сметаа дека оваа селекција ќе се бори за опстанок, но тимот од Балтикот не само што се спаси, туку ќе игра за медал откако обезбеди пласман во полуфиналето.
Можеби тука не би имало ништо чудно ако не се знае дека Летонците ја завршија групната фаза со три убедливи порази: 30 разлика од Шпанија, 15 од Белгија и 17 од Словенија. Првенството за нив очигледно почна по тој меч против Словенија, на 28 јули. Во осминафиналето Летонија ја победи Литванија со 101-94 во меч во кој водеше безмалку 39 минути, а беше во негатива само 16 секунди. Литванија е истата селекција која ја победи Македонија со 75 разлика на отворањето на првенството. Сензациите на Летонците не застанаа тука затоа што во четвртфиналето го елиминираа и актуелниот европски шампион во оваа конкуренција Германија со 80-79, со кош на секунда пред крајот откако на влезот на последната минута противникот водеше со 79-74.
Следен противник на Летонија ќе биде фаворизираната Франција со која игра утре од 18:30 часот. Втората полуфинална двојка ја сочинуваат Италија и Шпанија. За Летонците ова не е прво полуфинале во оваа конкуренција, уште пет пати порано стигнале во оваа фаза, а најголемиот успех е од 2018 година кога на домашен терен го освоија второто место. Сепак, во 2023 и 2023 година Летонија играше во Б-дивизијата и тоа му дава дополнителна тежина на резултатот во Белград.


