Репрезентативецот на Литванија, Мантас Јузенас постави нов рекорд по бројот на постигнати поени на У20 европските првенства откако денеска броеше до 46, во победата на неговата селекција против Полска со 112-67.
До овој ефект, 19-годишниот кошаркар стигна за само 25 минути во игра, погоди седум тројки од 13 шута, имаше 11/13 за два и 3/3 од линијата за слободни фрлања. Интересно е тоа што со ова го собори рекордот на поранешниот македонски репрезентативец Владо Илиевски кој беше поставен далечната 2000 година на Европското првенство што се одржа во Охрид.
Да биде уште поинтересно, Јузенас на првите два натпревара имаше просек од 11 поени со 31,8% шут од игра.

„Лудо е да се постигнат најмногу поени со толкава ефикасност. Ова е моментот за кој отсекогаш сум сонувал. Премногу сум горд на себе, супер горд на тимот што ја оствари оваа победа. Тоа е најлудото, најемотивно чувство. Работев толку напорно за ова во последните неколку месеци“, рече Јузенас.
Покрај рекордот по бројот на постигнати поени, тој постави рекорд и по остварен индекс на натпревар од Европско првенство во младинска конкуренција. Освен 46. поени, постигна уште 12 скока и пет асистенции за индекс 55 со што го симна од врвот поранешниот украински кошаркар Серхиј Лишчук кој во 2002 година оствари 49.


