На нешто повеќе од две недели пред почетокот на квалификациите за Олимписките игри, литванската репрезентација остана без еден од најдобрите играчи и капитен на тимот.
Во составот ќе го нема 32-годишниот центар Јонас Валанчиунас, а причините за неговото отсуство се бизарни. На 1 јули тој официјално станува слободен агент и за да потпише договор, мора да биде здрав, односно да нема повреда. Со оглед на тоа што преодниот рок во НБА почнува на 6 јули, а квалификациите се на програмата од 2 до 7 јули, никој не може да гарантира дека Валанчиунас, евентуално, нема да се повреди за време на подготовките или натпреварите.
„Јонас сака да игра за националниот тим, но не може да ризикува. Ако нешто драстично не се смени, ќе мора да го разбереме овојпат“, изјави генералниот секретар на Кошаркарската федерација на Литванија, Миндаугас Балчиунас.
Литванците играат на турнирот во Порторико каде се во група со Брегот на Слоновата Коска и Мексико. Во другата група се домаќинот, Италија и Бахреин. Нејасно е дали Валанчиунас ќе настапи на Олимписките игри ако Литванија обезбеди пласман на нив.


