Литванската репрезентација е трет четвртфиналист на Европското првенство, по триумфот во соседското дерби против Летонија со 88-79.
Летонците се и домаќини на завршниот дел од континенталниот шампионат, но не ја искористија таа предност и паднаа веќе на првата препрека. Не им помогна ни тоа што ривалот беше ослабен со неиграњето на Рокас Јокубаитис кој поради повреда веќе замина во Литванија на лекување.
И покрај тоа што имаа поддршка од над 11 илјади навивачи, Летонците вечерва ниеднаш не се најдоа во водство, а со исклучок на воведните 30-тина секунди, постојано во предност беше репрезентацијата на Литванија. Отвори со 7-0, на крајот од првата четвртина водеше со двоцифрена разлика (28-18), а домаќинот се закани единствено во вториот период кога два пати се доближи на само -2. Во продолжение повторно Литванците ја презедоа контролата на резултатот, а највисокото водство го достигнаа во последниот период кога отиде на 15 поени предност (75-60).
Во неочекуван херој се промовира кошаркарот на Клаипедас, Арнас Величка кој го одигра својот најдобар наѕпревар на ова првенство, постигнувајќи 21 поен со 11 асистенции и пет скока. Негови беа и половина од шесте тројки колку што реализира литванската репрезентација на овој меч. На спротивната страна фантастичен беше Кристапс Порзингис кој постигна 34 поени и 10 скока, но на помош му дојде само Ломас кој постигна 21 поен. Тотално потфрли Давис Бертанс кој за 31 минута на теренот постигна само три поени, како и Куруч и Жагарс кои заедно реализираа вкупно девет поени, а играа по 25 минути.
Во четвртфиналето, Литванија ќе вкрсти со подобриот од дуелот меѓу Грција и Израел кој се игра утре.


